Природа
Нашата земја е меѓу најбогатите со разновидноста на живеалиштата, растителните и животинските видови. Дел од нив се зачувани во 82 заштитени подрачја кои опфаќаат речиси 14% од територијата на земјата. Природата и природните екосистеми се суштински предуслов за благосостојбата на граѓаните бидејќи ни овозможуваат храна, чиста вода и воздух, а во исто време екосистемските услуги во заштитените подрачја имаат социо-економски придобивки за развој на локалните заедници.
Светот се соочува со неповратни загуби по биолошката разновидност и континуирано деградирање на природните живеалишта. Природата страда поради климатските промени, но многу повеќе е под закана на човековите активности и неконтролирано искористување на природните вредности. Јасно е дека акција за природата која се справува со овие двигатели е приоритет што не може да чека. Политиките за обновување на природата стануваат основа за справување со ефектите од климатските промени и за унапредување на здравјето на луѓето.
Нашата цел
Неопходно е да се воспостави ефикасен механизам за заштита на природата, екосистемите, дивите видови и нивните живеалишта, меѓудругото и со застапување на најдобрите практики и политики за заштита на природата и обновување на природните екосистеми. Еко-свест во својот предлог Патоказ за заштита на природата ја истакнува потребата од синергија на заштитата на природата со политиките во релевантните сектори (шумарство, земјоделие, водостопанство, ловство, енергетика, еколошки туризам и локален развој) каде што ќе се предлагаат можности за економски развој што не се во конфликт со природата и нејзината заштита.
Еко-свест ќе ја јакне еколошката свест кај граѓаните преку документарни приказни за значењето на заштитените подрачја, како природата придонесува кон квалитетна животна средина и ги ублажува ефектите од климатските промени со цел да поттикне активен придонес на граѓаните кон заштитата на екосистемите и биодиверзитетот.
Нашите активности
Преку своето делување Еко-свест ќе придонесе кон остварување на целта со своите активности:
– Соработка со институциите за примена на меѓународните обврски за заштита на биолошката и пределската разновидност. Поддршка на МЖСПП во спроведувањето на законските обврски и процесот на транспонирање на регулативата на ЕУ за заштита на природата. Учество во Националниот совет за заштита на природата, во процесите на креирање на закони, стратешки документи, подзаконски акти, планови за управување со заштитените подрачја, прирачници и документи за јавни политики.
– Проширување на мрежата на заштитени подрачја и учество во процесите за прогласување и репрогласување на заштитени подрачја. Подобрување на управувањето со заштитените подрачја и развој на административни и институционални капацитети за следење на состојбите во природата и долгорочно одржливо финансирање на заштитата на природата.
– Поддршка на одржливото управување со заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“ преку локалната канцеларија во Вевчани. Едукација на локалното население за придобивките од заштитеното подрачје и можностите за локален одржлив економски развој на заедницата, како и обезбедување на туристичка инфраструктура (патокази и инфо табли).
– Теренски истражувања и анализи за обновување на деградирани екосистеми. Градење на партнерство со локалните организации и едукација на локалните заедници за спроведување на граѓанска наука, научни студии за следење на состојбите во природата, видовите и нивните живеалишта.
– Информирање и едукација на јавноста за поврзаноста на биодиверзитетот и здравјето на луѓето, предлагање на активности и прирачници за развивање на вештини за зачувување на природните екосистеми.
Локалниот економски развој во функција на заштита на природата – Национална конференција за природа
На 16 април во Скопје Еко-свест ја организираше Националната конференција за природа која ги собра на едно место локалните заедници, одржливите...
Два дена исполнети со знаење и истражување на Јабланица!
Викендов во Вевчани ни гостуваа волонтерите од Еко волонтерскиот клуб на Еко-свест од Скопје, со кои поминавме два интензивни дена на терен.Што сè...
Мост помеѓу идеите и резултатите: Како PONT Connect ќе ја менува еколошката слика во регионот
На 26 и 27 март 2026 година во Вевчани, се одржа вториот состанок на партнерите на PONT Connect иницијативата од Македонија, Грција и Албанија....
За живот на живиот свет
Кампањата „За Живот на Живиот свет“ има за цел да им се помогне на граѓаните подобро да ја разберат важноста на урбаниот биодиверзитет и што можат тие да направат за да помогнат во ублажувањето на климатските промени и прилагодувањето на урбаниот живот кон последиците од климатските промени.

Придонеси кон науката
Мапирај го биодиверзитетот со iNaturalist мобилната апликација


Заедно за природата
Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест денес во Вевчани отвори своја локална канцеларија, а беше потпишан и Договор за проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“, со PONT (Prespa Ohrid Nature Trust) кој ќе се спроведува до август 2025 година.
Целта на овој проект е да се обезбеди поддршка за одржливо управување со заштитеното подрачје Споменикот на природата “Вевчански Извори”. Со спроведувањето на овој проект ќе се изврши ефективно следење на клучните видови во Споменикот на природата „Вевчански извори“, поставување на едукативни табли и патокази, воспоставување на еко-патрола, едукација за биолошката разновидност, како и привлекување на повеќе посетители во подрачјето.
Како да се подготвите за престој во природа?
Што ви е потребно за да имате пријатен и безбеден престој во природа?
Вода, храна, облека, обувки, лекови, прибор за ориентација и прва помош, се меѓу најважните работи што треба да ги понесете со себе.
За сите учители, наставници, родители и сите оние кои сакаат да поминуваат време во природа, објавуваме кратка брошура која ќе ви го олесни пакувањето и ќе ве подготви за нов престој и истражување во природата.
Брошурата е изработена во рамки на проектот „Заштитените подрачја за природата и луѓето II“ кој го спроведува WWF Adria во партнерство со Еко-свест, а истиот е финансиски поддржан од Шведската агенција за меѓународна соработка- Sida.
Истражување на здравствената состојба на питомиот костен во Споменикот на природа Вевчански извори (2024)
Правна анализа на националното законодавство за укинување на дозволи за експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија во заштитени подрачја (2023)
Анализа на влијанието на малите хидро проекти врз гео-морфологијата на пределите и загубата на шумите (2021)
Креативни работилници за цијанотипија за едукација на младите (2025)
Изработените цијанотипски фотографии претставуваат автентичен визуелен запис на Демир Капија, виден низ перспективата на децата, и ќе бидат користени за промоција на локалните природни и културни вредности пред пошироката јавност.
„Политиките за природа како основа за заштита“ Меѓународна конференција за природа (2025)
Меѓународната конференција за природа, која вчера се одржа во Скопје со наслов „Политиките за природа како основа за заштита“ собра меѓународни чинители од Бернската конвенција, Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), странски донатори и претставници на националните институции. Главниот заклучок од конференцијата е јасен и недвосмислен: итно донесување на нов закон за природа и обезбедување државни финансии.
Конференцијата започна со нагласување на потребата од меѓународна поддршка и соработка насочена кон суштинска и сеопфатна заштита на природното наследство на Македонија.
Погледнете повеќе на линкот.
Хармонија помеѓу човекот и природата – Споменик на природа Вевчански извори (2025)
Документарен филм насловен како „Хармонија меѓу луѓето и природата – Споменик на природата Вевчански извори“, продуциран како дел од проектот „Поддршка за одржливо управување со Споменикот на природата Вевчански извори“, имплементиран од Еко-свест.
Целта на овој филм е да се подигне јавната свест за вредноста на заштитените подрачја и многуте придобивки што тие ги носат за локалните заедници. Преку привлечни визуелни елементи и лични приказни, филмот ја нагласува блиската врска меѓу луѓето и природата и ја истакнува важноста на зачувувањето на таквите подрачја за идните генерации.
Документарецот пренесува неколку локални изјави чии приказни внесуваат автентичност и емоционална длабочина, вклучувајќи ги:
- Академик Владо Матески, научник и експерт за природно наследство
- Васил Радиноски, првиот градоначалник на Вевчани
- Томе Алулоски, 90-годишен овчар кој целиот свој живот го поминал во планините
- Тошо Чочороски, локален туристички и културен промотор
- Тихомир Мурѓески, доживотен собирач на печурки и ентузијаст за природа.
Планинска вело тура – Вевчанска Голина – Локва
(2025)
Вевчани повторно беше центар на авантурата и спортскиот дух, откако успешно се одржа традиционалната Планинска вело тура „Вевчанска Голина – Локва 2025“ организирана од Рупикапра МТБ Струга и Еко-свест Вевчани, со поддршка од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори“, спроведуван од Еко-свест а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.
Турата годинава собра над 140 учесници од различни делови на државата, кои имаа можност да уживаат во 30-километарската рута низ живописните предели на планината Јабланица, со вкупна елевација од околу 1100 метри.
Стартот беше во 09:00 часот од центарот на Вевчани, а патеката ги водеше велосипедистите низ Споменикот на Природа Вевчански Извори, Јанков Камен, манастирот Св. Климент и селото Горна Белица, завршувајќи на атрактивниот видиковец Вевчанска Голина. За најистрајните, турата продолжи со кратко планинарење до глацијалното езеро Вевчанска Локва, кое се наоѓа на над 1960 метри надморска височина
Обука за гаснење и превенција на пожари (2025)
На 28 јуни 2025 година, во Вевчани се одржа обука за превенција и спречување на шумски пожари, организирана од Еко-свест и Europe House Струга. Обуката беше наменета за граѓани и активисти кои сакаат да стекнат практични знаења за справување со шумски пожари и заштита на природата, особено во планинските подрачја.
Оваа активност е дел од пошироки напори за унапредување на еколошката свест и зајакнување на локалниот капацитет за дејствување во кризни ситуации. Темата за зачувување на Јабланица како природно богатство беше истакната како приоритет, особено во контекст на иницијативите за добивање на статус на национален парк. Тоа би значело посветеност на заштита, истражување и одржливо управување со подрачјето, како и вклучување на локалното население во процесите на планирање и спроведување на мерки за конзервација.
Едукација, авантура и креативност во срцето на природата (2025)
Вевчанските Извори станаа вистински центар на едукативни активности, каде ученици од различни училишта се запознаа со природата низ истражување, учење и креативност. Ова место, познато по своето природно богатство, стана инспирација за младите истражувачи кои преку интерактивни работилници го откриваа светот околу нив.
Теренските истражувања беа важен дел од програмата. Дел од учениците го истражуваа Белчишкото Блато, едно од најзачуваните мочуришта во Македонија, каде откриваа како водниот екосистем се поврзува со локалната историја и биодиверзитетот. Во исто време, млади истражувачи учествуваа во активности со најнова технологија – мерење трансекти, препознавање растителни и животински видови преку мобилни апликации, и стекнување знаења за тоа како да се заштитат шумите и водите.
Собери, рециклирај, креирај – од рециклирана пластика до иновација (2024)
Преку проектот Собери, рециклирај, креирај-од рециклирана пластика до иновација – Проект дел од програма за мали грантови(Глобален еколошки фонд), за локалните училишта набавивме компјутерски станици, 3Д печатари и екструдери за филамент. Со овие машини, учениците користат селектирани пластични шишиња и создаваат едукативни помагала. Овој проект го воведе 3Д печатењето како иновативен начин за реупотреба на пластични шишиња, кое не само што придонесе за намалување на отпадот, туку и ги едуцира младите за важноста на рециклирањето во заштитата на природата.
Иницијатива за заштита на кафеавата мечка (2024)
Преку Трилатералниот проект за кафеава мечка (ТББ) и Прекуграничниот проект за заштита на кафеава мечка (ТББЦ), Еко-свест се фокусира на неколку клучни области заштита на кафеавата мечка, како промовирање на прекуграничната соработка за заштита и подобрување на поврзаноста на популациите и живеалиштата, мониторинг и ублажување на конфликтите помеѓу човекот и мечката, и поддршка на работата на Интервентниот тим за крупни месојади. Исто така проектот опфаќа решавања на тековни проблеми и борба со криминалот врз дивиот свет, зајакнување на јавната свест и еколошко образование.
Како дел од проектите “ТББ” и “ТББЦ”, и проектот “Поддршка на одржливо управување со СП Вевчански Извори”, Еко-свест организираше и зема учество на низа обука на ренџерските служби на заштитани подрачја во Македонија и Интервентниот тим за крупни месојади.
Едукативни активности на Еко-свест Вевчани (2024)
Еко-свест преку локалната канцеларија во Вевчани активно работи на подигнување на јавната свест за заштита на природата и живиот свет. Преку активностите на проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори” финансиран од ПОНТ, спроведени се низа едукативни работилници со деца и млади, јавни дискусии и филмски проекции, како и уметнички работилници и посети во природа.
Планинска вело тура “Вевчанска Голина – локва 2024”
Еко-свест Вевчани и Велосипедско друштво Рупикапра MТБ Струга овој викенд на 7.7.2024 година, беа организатори на Планинската вело тура Вевчанска Голина – Локва. Над 130 учесници од целата држава, се запознаа и уживаа во убавините на Вевчани, планината Јабланица и Споменикот на природа Вевчански Извори. Целта на турата е да ги промовира можностите за развивање на велосипедскиот туризам на ова подрачје и убавините на планината Јабланица и Споменикот на Природа Вевчански Извори.
Свечено отворање на Трајната поставка за природа за Вевчанските извори (2024)
Еко-свест во соработка со Општина Вевчани денес свечено ја отвори Трајната поставка за природа насловена “Патување низ природните богатства на Вевчански Извори”. Поставката се наоѓа во Мултикултурниот Центар Коста Србакоски во Вевчани и има за цел промоција на природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански Извори и планината Јабланица, преку едукација и подигнување на јавната свест.
21 март – Првиот ден на пролетта Локалната канцеларија на Еко-свест Вевчани го одбележавме првиот ден на пролетта со заедничка акција за засадување садници со учениците од ООУ Страшо Пинџур – Вевчани (2023)
Се радуваме дека овие дрвја ќе им држат сенка на учениците во летните денови и ќе ги потсетуваат колку ни се потребни зелените површини.
Оваа активност е дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Заштитеното подрачје Вевчански извори” финансиран од PONT (Prespa Ohrid Nature Trust), спроведуван од локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани.
Свечено отворање на канцеларија во Вевчани (2022)
Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест денес во Вевчани отвори своја локална канцеларија, а беше потпишан и Договор за проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“, со PONT (Prespa Ohrid Nature Trust) кој ќе се спроведува до август 2025 година. Извршната директорка на Еко-свест – Ана Чоловиќ Лешоска подвлече дека овој проект всушност се надоврзува на низа претходни успешни активности на Еко-свест, кои беа реализирани во соработка со Општина Вевчани и релевантните чинители во Заштитеното подрачје „Вевчански извори“. Еко-свест во 2018 година го поддржа донесувањето на Планот за управување со заштитеното подрачје и помогна на Општината да воспостави систем за негово одржливо управување.

![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()







Претплати се на каналот на Еко-свест